• петок, 12 декември 2025

Концерт на КОД 369 во македонскиот Културно информативен центар во Софија

Концерт на  КОД 369 во македонскиот Културно информативен центар во Софија

Софија, 12 декември 2025 (МИА) - Македонскиот бенд КОД 369 денеска ќе одржи концерт во македонскиот Културно информативен центар во  Софија.

Како што се наведува во соопштението на Центарот целовечерниот концерт на музичката група КОД 369 (Памперс) ќе претстави авторска музика која е создавана во минатите 20 години и е сместена на шест албумски изданија со преку петнаесет официјални видео записи и телевизиски концерти за Македонска радио и телевизија. Публиката ќе може да проследи теми кои се наоѓале на водечките места на сите релевантни топ листи.

Бендот, се додава во соопштението, создава нови музички моменти на фанк, џез и класични инструменти, кои се вплетуваат во препознатливиот рок заедно со влијанијата од современата рок и поп музика. Нивната музичка мисла е секогаш на границата помеѓу алтернативниот рок и комерцијалната рок и поп музика, зачувувајќи ја брилијантноста, слободата и авангардните идеи од првата категорија и прифатливоста на втората. Преку нивните текстови, може да се идентификуваат универзалните човечки и литературни вредности, љубовта како движечка сила и моќта на поединецот како двигател што ја дарува најдобрата верзија од себе.

КОД 369 се македонски бенд од Битола формирани во 2020 година: Ирена Димовска (вокал), Даниел Митревски (гитара, придружни вокали), Иле Лулевски (тапани, придружни вокали) и Гоце Јованоски (бас гитара).

КОД 369 се продолжение на долгогодишната музичка дејност на членовите на Памперс (Ирена Димовска, Даниел Митревски и Иле Лулевски), со издадени четири албуми, учества на сите релевантни фестивали во државата и регионот, гостувања со концерти во Лондон и Копенхаген, со три број еден синглови на регионалниот Ем-Ти-Ви канал и вкупно девет на нивните топ листи и бројни соработки со продуценти, издавачи и уметници од целиот свет. ац/

Фото: Македонски КИЦ - Софија

Остани поврзан